На дневно ниво, покрај Друштвото, и Депозитарната банка (банка чувар на средства) на Фондот врши вреднување на нето вредноста на Фондот и проверува дали издавањето и откупот на удели за сметка на Фондот се врши согласно со Законот и правилата на Фондот. Води евиденција на работењето кое го врши како Депозитарна банка, за секој фонд поединечно и редовно ја усогласува со евиденцијата на Друштвото. Притоа, го пријавува до Комисијата секое кршење на одредбите од Законот. Депозитарна Банка на Фондовите под управување на ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје е Комерцијална Банка АД Скопје.

Средствата на Фондовите се одвоени од средствата на Друштвото, односно Вашите средства не зависат од финансискиот резултат на Друштвото кое управува со Фондот. Во случај на затворање на друштвото или банкрот, управувањето со Фондовите се пренесува на друго Друштво за управување со инвестициски фондови. Изборот на новото Друштво го врши Комисијата за Хартии од Вредност на Р. Македонија. Вие како инвеститор во одреден фонд, го задржувате правото да побарате откуп на уделите и исплата на износот на нивната вредност на Ваша трансакциска сметка.

Во случај на ликвидација на Фондот, целото портфолио на Фондот се продава, а преостанатата нето вредност на имотот на Фондот се распределува на сопствениците на удели сразмерно на нивните удели во Фондот.

По поднесување на Барање за откуп до Друштвото, износот на вредноста на Вашите удели, Друштвото има законска обврска да ги исплати на Вашата трансакциска сметка во рок од 7 календарски дена. Барање за откуп имате право да поднесете во секој момент. Пенали за повлекување на средствата во рок пократок од препорачаниот, не се наплаќаат.

Кога одредена држава или компанија има потреба од средства за различна намена како што е инвестирање во нови профитабилни капацитети, инфраструктурни објекти и сл. има неколку опции меѓу кои е издавање на обврзница, со цел од различни инвеститори да собере доволно средства, а притоа се обврзува на определен датум на сопствениците на обврзниците еднократно или во рати да им ги исплати првично прибраните средства зголемени за камата. Обврзниците најчесто се тргуваат на секундарен пазар, односно имаат пазарна вредност и истите можат да се продадат пред датумот на доспевање, освен доколку не се чуваат до доспевање.

Со цел една компанија (Акционерско Друштво) да отпочне со работа, на истата и треба сопственички капитал, односно повеќе луѓе (идни сопственици на компанијата) инвестираат дел од своите средства во таа компанија и сразмерно на инвестицијата која ја направиле се стекнуваат со сопствеништво врз одреден дел од компанијата, односно се стекнуваат со одреден број на акции, а потоа профитот (загубата), како и одлучувачките права ги делат сразмерно на инвестираниот дел.

Еден од сопствениците на таа компанија во одреден момент може да има потреба од средства или пак повеќе не сака да биде дел од сопствениците на компанијата, во тој случај својот дел (акции) од компанијата може да го продаде на пазарот на капитал на инвеститор кој сака да биде дел од сопствениците на компанијата. Големите компании поради големиот раст кој го имале во минатото или поради големиот капитал кој го имаат прибрано од многу инвеститори се составени од голем број на акции кои редовно се тргуваат на пазарот на капитал. Па, така денес лесно може да се стекнете со сопствеништво на дел од компании како што се Apple, BMW, Microsoft, L’Oreal, Walt Disney, Mcdonald’s и др..

Сите инвеститори во ВФП Премиум Инвест кои имаат помалку од 18 години, без плаќање на дополнителен надомест, стануваат дел од клубот и имаат право да учествуваат на сите настани организирани за Клубот.

Со средствата инвестирани во име и за сметка на Вашето дете по навршување на неговото полнолетство може да располага само Вашето дете, но се до тој момент, Вие имате право и можност без никакви пенали да ги повлечете средствата.

Средствата кои Вие ги инвестирате во Фондот се инвестирани во целото портфолио, поточно Вашиот принос зависи од перформансот на сите хартии од вредност кои се дел од портфолиото на Фондот.

Исплатата по барање на откуп се врши исклучиво на трансакциска сметка на инвеститорот. Во случај на ополномошнето лице, тоа лице може да поднесува документи до Друштвото во име на инвеститорот, но средствата се исплаќаат исклучиво на трансакциска сметка на инвеститорот.

Доколку не пронајдовте одговор на Вашите прашања можете да не контактирате на +389 (2) 32 800 82 или преку контакт формата во продолжение: