Објавено на 09.04.2020

 

Коронавирус пандемијата освен што претставува опасност за здравјето на луѓето, истата има и значајно влијание врз светската економија, со што легитимно е Вие како инвеститори да имате бројни прашања за Вашите инвестициски планови. Со овој блог сакаме да одговориме дел од прашањата кои можеби ве мачат.


 

Кога може да очекувам враќање на инвестицијата на нивото на кое беше пред коронавирусот и каков ќе биде импактот на коронавирусот на моите инвестирани средства на долг рок?

 

Со цел инвестициите во фондот ВФП Премиум Инвест да се вратат на нивото на кое беа пред коронавирусот потребно е да се појават знаци и надеж за нормализирање на економската активност, односно непречено функционирање на луѓето и компаниите. Голем дел од компаниите веќе наоѓаат начини за функционирање во новонастанатата реалност и очекуваме дека реалните последици од пандемијата ќе бидат помали од првично очекуваните. Вакви знаци веќе почнаа да се појавуваат на берзите со што може да се забележи дека во последниот период се забележува одредено заздравување на берзите. Тоа не ја исклучува можноста за повторно влошување на ситуацијата и дополнителен пад на берзите. Но, тоа што сакаме да го имате во предвид е дека Вашите средства се инвестирани во големи светски компании кои досега го имаат издржано тестот на времето, имаат преживеано голем број кризи и се тип на компании кои широко се очекува дека имаат најголеми шанси да ја пребродат и оваа криза. Оваа криза очекуваме да биде критична за малите и средните компании, од кои голем број може да се очекува дека ќе банкротираат, но ваков исход не очекуваме за компаниите во кои се инвестирани средствата на инвеститорите во ВФП Премиум Инвест. Со цел да имате појасна слика за големината на компаниите во кои се инвестирани средствата на фондот, ќе направиме споредба со БДП-то на Р.С. Македонија кој за 2019та изнесува приближно 12,7 милијарди долари, додека вкупните приходи во Буџетот изнесувале приближно 3,5 милијарди евра. Компанијата Bayer AG, која се наоѓа на медијаната според пазарна капитализација во однос на сите компании во портфолиото на ВФП Премиум Инвест има пазарна капитализација од 60 милијарди долари и вкупни годишни приходи за 2019та година од 49 милијарди долари.

На долг рок, очекуваме пронаоѓање на лек и вакцина против вирусот, како и стекнување на одреден колективен имунитет кои ќе придонесат за повторно функционирање на светот како што функционираше и пред оваа пандемија. Во историјата човештвото се соочувало со многу сериозни пандемии, со многу повеќе жртви и многу повеќе заразени луѓе од сега, во време кога медицината била далеку понеразвиена од сега, но сепак тие биле пребродени по што економските субјекти продолжиле со нормално функционирање. Цврсто веруваме дека тоа ќе се случи и со оваа криза, односно веруваме и дека многу побрзо и поефикасно човештвото ќе успее да ја преброди, со што очекуваме компаниите да продолжат да остваруваат добивки како и претходно и да остваруваат принос за акционерите. Дополнително сакаме да нагласиме дека и голем дел од фондот во моментов е инвестиран во компании од Нециклична Потрошувачка, односно компании кои се фокусирани на производство на храна и пијалоци, како и во компании од Здравствениот сектор, кои не очекуваме драстично да бидат погодени од моменталната пандемија.

Во моментов Ви препорачуваме да продолжите да инвестирате почесто, со цел упросечување на цената по која се купувани уделите со што впрочем може и на овој пад да се гледа како одлична можност за инвестирање во високо квалитетни компании по релативно пониски цени.

На долг рок, важно е да се запамети дека мечкините пазари се болни, но исто така ретки и релативно краткотрајни. Од Втората светска војна до сега, за време на мечкините пазари на S&P 500 индексот, максималнот пад во просек изнесувал 34,5%, по што во просек биле потребни 39 месеци за да се достигне ново рекордно високо ниво.

 

Кога очекувате берзите да го достигнат дното и која цена на уделот очекувате да биде минимална во иднина?

За жал прецизен одговор на ова прашање не веруваме дека може да пронајдете, нови информации пристигнуваат постојано кои го движат пазарот на капитал. Цврсто веруваме дека пазарите на долг рок се ефикасни и веруваме дека сите очекувања и информации се веќе вградени во цените на акциите. Би сакале дополнително да напоменеме и дека берзите се предвесник на економските циклуси, односно во голем број на случаеви берзите веќе почнале да заздравуваат кога економиите го достигнувале своето дно. Имајќи го во предвид ова знаење, Ве советуваме да не го чекате дното на берзите, туку почесто редовно да инвестирате во диверзификувани портфолија, како и во различни типови на инструменти. Тоа можете да го направите со почнување на инвестирање и во ВФП 100% Бонд фондот, со цел да Ве мотивираме да го направите истото, еднократните уплати во месец Април во ВФП 100% Бонд ќе бидат ослободени од влезна провизија за инвеститори во ВФП Премиум Инвест. Диверзификацијата веруваме дека е многу битна во овие моменти.

 

Дали да продолжам и понатаму да инвестирам или да чекам да заврши пандемијата?

Цврсто веруваме дека чекањето на крај на пандемијата не е добро решение за продолжување со инвестирање. Имајте во предвид дека во тој момент сите економски субјекти ќе бидат свесни за истото и соодветно на тоа очекувањето е дека цените на инструментите веќе ќе бидат на повисоко ниво од моменталното, со што би ја пропуштиле можноста да инвестирате на пониски цени додека се уште е присутна неизвесноста за времето кога ќе заврши пандемијата. Ве советуваме да продолжите да инвестирате, дури и почесто од досега доколку тоа е во Вашите можности, со цел да ја упросечите цената на уделот на која ги инвестирате средствата, имајќи во предвид дека моментално берзите се поволатилни од обично. Доколку го земеме во предвид периодот од 01.01.1998 до 31.12.2017 година кај S&P 500 индексот, може да забележиме дека со пропуштање на најдобрите 40 дена, инвеститор со можност да остварел релативно задоволителен принос од 7,2% просечно годишно доколку бил константно инвестиран, би остварил загуба од 2,8% просечно годишно. Историските приноси не се гаранција за идни приноси, но големи се шансите дека при чекање на крајот на пандемијата би пропуштиле некои денови на берзите во кои би имале значајни позитивни движења.

 

1.S&P500 01.01.1998-31.12.2017 – *Приносот од минатото не е гаранција за идните приноси

 

Дали сега е моментот да инвестирам на македонска берза или во глобално дисперзиран фонд?

Како што кажавме и претходно, веруваме дека е многу битно Вашите инвестиции во овој момент да бидат диверзификувани. Ние никогаш не би Ве советувале да не инвестирате во македонски компании, бидејќи постојат квалитетни компании и на македонската берза, поради што и една од нив е дел од портфолиото на ВФП Премиум Инвест со 1,31% (31.03.2020), иако не е голема мултинационална компанија. Но, треба да бидете свесни дека ризикот кога се инвестира во компанија со пазарна капитализација од 450 милиони евра, колку што изнесува најголемата македонска компанија која тргува на берза, е многу поголем отколку кога се инвестира во фонд кој инвестира во над 120 големи мултинационални компании. Дополнително ризикот е многу поголем кога се инвестира само во една држава или во еден сектор. Нашата препорака е да бидете максимално диверзификувани.

 

Што ќе се случи со моите инвестирани средства доколку денарот депрецира?

Најпрво би сакале да Ве информираме дека во моментот нема значаен ризик за депрецирање на денарот, девизните резерви на државата се стабилни, дополнително веруваме дека НБРСМ успешно ќе продолжи да ја остварува својата клучна цел, одржување на стабилен девизен курс, бидејќи е многу битен фактор во оддржување на стабилноста на македонската економија. Но, доколку направиме сценарио анализа на ВФП Премиум Инвест фондот, под претпоставка дека денарот би депрецирал 10% во однос на сите останати валути на 31.03.2020, тогаш Нето имотот на фондот би забележал раст од 10,2892%, со што може да заклучиме дека нето имотот на фондот е значајно заштитен од депрецијација на денарот.

 

 

Ги покануваме сите заинтересирани нови потенцијални инвеститори, кои имаат можност и желба да почнат да инвестираат да не контактираат со цел да закажат онлајн состанок со наше стручно лице за подетална презентација на фондовите под управување на ВФП Фонд Менаџмент.

*Минимална уплата во фондовите изнесува 1,000 мкд.

 

Ве молиме оставете ги Вашите контакт информации во формата подоле: