Објавено на 21.01.2019

Една од најчестите причини за купување удели во инвестициските фондови, од страна на физичките лица, е тоа што овој начин на инвестирање му нуди на инвеститорот можност за остварување на пасивен приход.

Што е пасивен приход?

Приходот кој го заработувате од различни извори каде што не вложувате директно време и труд. Пасивниот приход може да биде во вид на рента од изнајмен простор, камата од депозит, но и добивка од растот на уделите на инвестициските фондови.
Во случајот со инвестициските фондови, Вашиот труд се сведува на инвестирање на вишокот на Вашите средства во фонд, или комбинација од различни фондови, согласно Вашата толеранција на ризик.

Генерално, луѓето многу тешко донесуваат одлука да штедат или да инвестираат. Во голем дел од случаите луѓето се свесни дека е потребно да почнат да издвојуваат средства за штедење. Проблемот произлегува од тоа што тие си велат себеси дека ќе го заштедат или инвестираат тоа што ќе им остане на крајот на месецот.  Но најчесто, како резултат на лошо планирање на буџетот, на крајот на месецот не им останува сума доволна за инвестирање или штедење.

Програмираните уплати преку траен налог го упростуваат овој процес преку директно повлекување на фиксна сума од Вашата трансакциска на почетокот на секој месец и нејзино инвестирање во фондот од Ваш избор. Дополнително го олеснуваат процесот, бидејќи Вие нема да имате потреба да се појавувате и лично да ги депонирате парите, а ќе бидете секогаш во можност да си ја следите Вашата состојба преку Вашиот личен онлајн профил.

Програмираните уплати носат со себе и еден позитивен ефект кој е доста популарен во светот на финансиите. Cost average ефектот, односно ефектот на упросечување на трошоците е една од најголемите предности на програмираните уплати.

Што е основата на cost average ефектот?

Основата на овој ефект е редовно инвестирање на сума на пари, во некое средство (на пример акција или обврзница), без разлика на цената на тоа средство во моментот на купување. Во реалниот свет, тоа тешко се остварува. Затоа пак, инвестициските фондови преку програмираните уплати Ви овозможуваат со Ваш минимален труд да го постигнете токму ова.

Како што знаеме цените на акциите, а и цените на уделите на инвестициските фондови се варијабилни и секој ден имаат различна вредност.

Во основа е многу тешко да се погоди моментот кога точно да се инвестира, односно дали цената на уделот се наоѓа на нејзиниот врв, нејзиното дно или пак негде во средина. За да го намалите ризикот од купување удели во фонд во нивниот врв, се користи cost average ефектот, кој се постигнува преку програмираните уплати.

Наместо да уплатите голема сума одеднаш и со тоа да ризикувате инвестирање во погрешниот момент, програмираните уплати Ви овозможуваат да го намалите ризикот преку купување на удели при различни цени на почетокот на секој месец.
Така ако секој месец инвестирате иста сума на пари, во месеците кога цената на уделот е ниска Вие автоматски купувате повеќе удели, а во месеците кога цената на уделот е висока со истата сума на пари ефективно купувате помалку удели. На крајот на годината Вие всушност плаќате просечна цена од сите месечни уплати. Со тоа го избегнувате ризикот од инвестирање цела сума на пари одеднаш, во период кога цените се во нивните врвови.

За повеќе информации околу програмираните уплати и нивните предности јавете се на бројот 02 3 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.