Во Република Македонија областа на инвестициските фондови е регулирана со Законот за инвестициски фондови, Законот за хартии од вредност, Законот за трговски друштва и Законот за девизно работење.

Со Законот за инвестициски фондови се уредува основањето и работењето на инвестициските фондови и друштвата за управување со инвестициски фондови, издавањето и продажбата на удели и акции, откупот на удели, промоција на инвестициските фондови и работењето на депозитарната банка.

Депозитарна банка (банка – чувар на имот)

Депозитарна банка на инвестициски фонд е банка која за потребите на фондот врши чување на имотот на фондот, водење на посебните сметки за имотот на фондот и одвојување на имотот на секој поединечен фонд од имотот на другите фондови, контролирање дали друштвото за управување со инвестицискиот фонд управува со средствата на фондот во согласност со законските прописи и статутот итн.

Само банка со седиште на територијата на Република Македонија која согласно со Законот за банките има добиено согласност од Народната банка на Република Македонија за вршење на активноста банка чувар на имот може да биде избрана за депозитарна банка.

Работите на депозитарна банка што банката ги врши за друштвото за управување треба да бидат одвоени од другите работи на банката. Депозитарната банка што врши работи за инвестицискиот фонд, имотот на секој фонд го води на посебна сметка.

Депозитарната банка не смее да го користи имотот на инвестицискиот фонд за вршење на трансакции за сопствена сметка или за остварување на какви било користи за себе или за своите вработени, освен во корист на сопствениците на удели или акционерите во инвестициските фондови. Имотот на инвестициските фондовите кај депозитарната банка не влегува во имотот на депозитарната банка, ниту во ликвидациската или стечајната маса и не може да се употреби за извршување на побарувањата на банката.

Депозитарна банка на Фондот е Комерцијална банка АД Скопје, со седиште на ул. Орце Николов бр. 3, 1000 Скопје. Изборот на Комерцијална банка АД Скопје за депозитарна банка на Фондот е одобрен со Решение од Комисијата за хартии од вредност број УП 1 08-94 од 18.11.2014 година

Почетниот капитал на Банката изнесува 2.279.067,00 денари составен од 2.279.067 обични акции со номинална вредност на акција во износ од 1.000,00 денари.

Доколку инвестицискиот фонд има средства надвор од територијата на Република Македонија, депозитарната банка избира и субдепозитарна банка за чување на тие средства, која има дозвола за работа издадена од надлежен орган во матичната земја. Субдепозитарна банка на фондовите под управување на ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје е NLB d.d.

Комисија за хартии од вредност

Комисијата врши контрола над работењето на друштвата за управување, фондовите и депозитарната банка во делот на работењето на инвестициските фондови.

Комисијата може без ограничување да ги прегледува деловните книги и другите документи на друштвата за управување, инвестициските фондови и депозитарните банки во делот на работењето на инвестициските фондови. Според начинот на извршување контролата може да биде посредна и непосредна:

Посредната контрола опфаќа континуирано следење и проверка на податоците од извештаите, известувањата, деловните евиденции и другите документи кои друштвата за управување, фондовите и депозитарната банка во делот на работењето на инвестициските фондови имаат законска должност да ги доставуваат до Комисијата.

Непосредната контрола се спроведува преку вршење директен увид на податоците од редовното работење во просториите на контролираниот учесник на пазарот на хартии од вредност заради утврдување на законитоста во неговото работење. Непосредната контрола може да се врши со или без претходна најава, по своја оцена и како дел од редовното работење на Комисијата.