Објавено на 26.03.2020

Ефектот на Коронавирус пандемијата врз берзите

 

Светот од почетокот на годината до денес (26.03.2020) се соочува со најголемата пандемија во модерното живеење, која што драстично влијае врз начинот на живеење во актуелниот период. Коронавирусот Covid-19 има непроценливи штети врз сите нас, како од аспект на здравје, така и врз целокупната светска економија, со што целта на овој блог е да ги анализираме и дискутираме опасностите и можностите кои пазарот на капитал во моментов ги нуди.

Инвеститорите на светските берзи од почетокот на годината се обидуваат да ги проценат импликациите на оваа пандемија врз компаниите кои котираат на светските берзи. Соодветно на тоа, светските индекси забележаа значајни падови. Тоа значи дека цените на акциите на компаниите кои се дел од светските индекси се значајно пониски од нивото на кое беа на почетокот на годината.

Имајќи во предвид дека оваа пандемија не е прва во човештвото, за цел на анализата ги искористивме достапните податоци од времето на пандемијата на Шпанскиот Грип во текот на минатиот век.

Проценката на бројот на починати од Шпанскиот грип се движи од 50 до 100 милиони луѓе, додека вкупно инфицирани се претпоставува дека биле над 500 милиони луѓе.

На график бр1 е прикажан единствениот индекс кој датира од тоа време до денес Dow Jones Industrial Average. Индекс кој е составен од 30те најзначајни компании за американската економија.

Значајно е да се спомене дека Шпанскиот грип се појавува во втората половина на 1917 година, додека најголемиот импакт врз светот од аспект на заразени и починати луѓе го има од 1918 до 1920 година.

Од друга страна пак, најголемиот пад на берзата се забележува пред драматично да почне да се шири вирусот. Претпоставката за ваквата појава е дека пазарите на капитал, многу порано реагираат на вестите и многу често претставуваат предвесници на идниот период во економијата. Аналогно на тоа, може да се забележи дека заздравувањето на пазарите на капитал се случило за времетраење на самата пандемија и растот на индексот бил со релативно брзо темпо.

 

График бр.1

 

Доколку се вратиме на денешната ситуација и моменталната пандемија, можеме да забележиме дека до сега падот на DJIA Индексот од највисоката точка годинава до најниската изнесува 37,09%. Тоа значи дека износите кои сега ги инвестираат инвеститорите се инвестираат по драстично пониски цени од оние кои беа на почетокот на годината. Дополнително, можеме да увидиме дека моменталниот пад на берзите е дури и поголем од падот за време на пандемијата од Шпанскиот Грип во минатиот век кои изнесувал 33.44%.

Ваквите податоци ни даваат надеж дека можеби најлошото за пазарот на капитал е веќе поминато. Би сакале да напоменеме дека минатите случувања не мора да значи дека ќе се повторат, ниту пак претставуваат гаранција за идни приноси.

График бр. 2

 

Импактот на Коронавирусот врз економијата – Очекувања

 

Коронавирусот се очекува да има значаен одраз врз светската економија. Со цел намалување на стапката на ширење на вирусот, најголем дел од државите одлучија да преземат мерки кои доведоа до затворање на продавници, ресторани и слично, дополнително самото ширење на коронавирусот кај некои компании влијаеше за намалување на производствените и продажните капацитети.

Ваквата состојба може да влијае врз компаниите за намалување на бројот на вработени, најпрво на вработени со договор на дело, а потоа и постојани вработени. Тоа би се очекувало дополнително да има негативен ефект преку помалку средства за потрошувачка кај луѓето, што би довело и до помали приходи и добивки на компаниите.

Но, токму затоа државите не го оставаат пазарот сам на себе, туку одлучуваат значајно да ги корегираат ваквите аномалии и преку силна експанзивна политика да им помогнат на компаниите и граѓаните во пребродување на овој период.

Тоа што е извесно моментално се помали приходи и добивки на компаниите за 2020 година, нешто што очекуваме дека е веќе вградено во цените на инструментите на пазарот на капитал, имајќи предвид дека ваквиот исход е широко очекуван во светски рамки. Но, тоа на што ние најмногу би сакале да обрнеме внимание е дека вредноста на една компанија не се состои само од добивките од тековната година, туку многу поголемо учество имаат очекуваните добивки од сите наредни години кои претстојат, нивните компетитвни предности, лиценци, брендови, лојалност на потрошувачи и др.. Нашите очекувања се дека коронавирусот ќе биде феномен кој ќе биде разрешен во 2020 година, по што очекуваме повторно заживување на економијата, враќање на редовниот живот и натамошен раст на добивките на компаниите.

Можеме да заклучиме дека оваа година ќе биде критична за многу компании, но позитивната страна од вложување во големи мултинационални компании, со добри кредитни рејтинзи и долга историја на постоење е дека всушност од тие компании можеме најмногу да очекуваме дека ќе ја пребродат и оваа криза и на долг рок ќе испорачаат задоволителни резултати за инвеститорите.

Дополнително би сакале да посочиме на волатилноста на пазарите на капитал во вакви кризни периоди, тоа во главно се должи на присуство на многу емоции кај инвеститорите, поради што многу често грешат во вакви моменти во проценување на вистинската вредност на компаниите, која всушност нема толку волатилен карактер како самите цени на пазарот. Големите дневни осцилации во позитивна и негативна насока се очекувани и неминовни во вакви ситуации поради што ние на инвеститорите можеме да им препорачаме во овој период износот кој планираат да го инвестираат да го поделат на неколку дела и да го инвестираат во неколку наврати во овој период, наместо да го инвестираат целиот износ одеднаш, со цел да ги упросечат цените по кои ги купуваат уделите во фондовите.

Ги советуваме нашите веќе постоечки инвеститори да продолжат со редовно уплаќање во плановите и во овие моменти да се потсетат на долгорочната цел за која почнале да инвестираат и при носење на своите инвестициски одлуки да го имаат во предвид фактот дека инвестирањето во компании се препорачува да биде на долг рок.

Ги покануваме сите заинтересирани нови потенцијални инвеститори, кои имаат можност и желба да почнат да инвестираат на овој пад на берзите и да очекуваат задоволителни приноси на долг рок да не контактираат со цел да закажат онлајн состанок со наше стручно лице за подетална презентација на фондовите под управување на ВФП Фонд Менаџмент.

*Минимална уплата во фондовите изнесува 1,000 мкд.

Ве молиме оставете ги Вашите контакт информации во формата подоле: