Објавено на 23.11.2018

Во еден од нашите претходни блогови ги објаснивме основните карактеристики на отворените инвестициски фондови и начинот на кој тие функционираат. Во денешниот блог ќе објасниме која е разликата помеѓу инвестирањето во отворените инвестиски фондови и инвестирањето во акции.
Иако на прв поглед ќе забележиме дека овие два инструменти имаат доста заеднички работи, сепак постои само еден краен победник во однос на инвестирањето.

Како функционираат компаниите, а како фондовите?

Како што знаеме, компаниите кои се формирани како акционерски друштва работат на начин што внесуваат готовина во компанијата во два вида. Првиот вид е преку кредити од банки, а вториот вид е преку издавање и продавање на акции.
Со таа готовина се купуваат машини, згради, опрема, и останати средства кои и се потребни на компанијата за да почне да ги произведува и продава своите производи или услуги.
Со продажбите следуваат приходите, профитот и растот на самата компанија.

Вообичаено, во првите години од своето функционирање, компанијата го реинвестира целиот профит. Тоа реинвестирање овозможува компанијата да расте. Со растот на компанијата расте и вредноста на нејзините акции. Акционерите можат во секој момент да ги продадат нивните акции, но така се откажуваат од идниот пораст на вредноста на акциите.
Во одреден момент компанијата може да се реши да ја распределува добивката на сопствениците на акции во вид на дивиденда. Секој акционер добива онолку добивка, колку што е учеството на неговиот број на акции во вкупниот број на акции на компанијата.

Од друга страна пак, менаџерите на отворените инвестициски фондови внесуваат пари во фондовите само преку издавање на удели.
Со тие пари менаџерите наместо да купуваат машини, згради, опрема итн. купуваат акции во останати компании. Во зависност од фондот може наместо акции менаџерите да инвестираат во државни или корпоративни обрзници, во депозити или пак во сосема некој друг инструмент.

Дополнително, постојат поделби и внатре во инструментите. Така доколку од фондот се очекува повисок принос, но и повисок ризик, менаџерот ќе купува акции од оние компании кои се релативно млади, полни со иновации, и кои ги пратат трендовите.
Доколку од фондот се очекува понизок принос , но и понизок ризик, тој ќе инвестира во т.н. blue-chip компании (висококвалитетни компании), кои се карактеризираат со релативно висока, но и релативно стабилна добивка.

Секоја добивка од овие компании во кои инвестирал менаџерот на фондот, дали преку раст на вредноста на акцијата или пак преку дивиденда, се реинвестира, т.е. се купуваат нови акции.

На тој начин доаѓаме до една од главните предности на инвестициските фондови – реинвестирање на добивката на инвеститорите.
Во литературата и во финансиите овој ефект е познат како вкаматување (камата на камата) и е доста значаен поради неговото моќно дејство.

Доколку инвестираме мала сума на пари, и дозволиме добивките од инвестициите да се реинвестираат во текот на одреден  временски период, можеме да дојдеме до заштеда која што ќе биде значително повисока од оригиналната сума.

Втората предност на инвестирањето во инвестициските фондови се појавува во моментот кога компанијата во која што директно сме вложиле акции не ги остварува очекуваните резултати.
Доколку сме ја инвестирале целата сопствена заштеда во една компанија, ние сме целосно изложени на ризикот од пропаѓање на таа компанија.

Од друга страна, во инвестициските фондови, ако една од компаниите во која инвестирал менаџерот на фондот не ги остварува очекуваните резултати, секогаш ќе има некоја друга компанија која остварила добивка повисока од очекуваната. На тој начин, во фондот сме позаштитени од ризикот на поединечните компании.

За повеќе информации околу инвестициските фондови и нивните предности јавете се на бројот 023 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.