Објавено на 11.11.2018

Отворените инвестициски фондови се можеби најлесниот и најмалку стресниот начин да се инвестира на пазарот.
Фондовите како концепт влечат корени уште од 19-от век, но во нивната современа форма прв пат се појавуваат во почетокот на 20-от век во САД.
Долгиот период на постоење на ваквиот вид на фондови е доказ за нивната моќ и за нивната способност да го зголемуваат богатството на своите инвеститори.
Во Македонија се појавуваат еден век подоцна, т.е. во почетоците на 21-от век. Овие фондови во изминатите неколку години се повеќе популарни отколку во било кое време во историјата.

Што всушност е отворен фонд?

Едноставно кажано, отворен фонд е збир на пари обезбедени од индивидуални инвеститори, компании и други организации.
Со фондот управува друштво за управување со отворени инвестициски фондови. Овие друштва се надгледувани од државно регулаторно тело (КХВ), на сличен начин на кој Народната Банка на Република Македонија ги надгледува банките во Македонија.

Во друштвата се вработени аналитичари и овластени инвестициски советници.
Секое друштво може да раководи со повеќе фондови (базени со пари).
За секој од овие фондови е одговорен професионален фонд менаџер кој е ангажиран да ги инвестира парите што инвеститорите ги уплатиле во фондот.  Каде ќе ги инвестира тие пари менаџерот зависи од видот на фондот.

Каде одат парите на инвеститорите?

Откако ќе се собере одредена сума на пари, фондовите со тие пари почнуваат да купуваат најразлични инструменти. Видот на инструментите зависи од карактеристиката и целта на фондот.
На тој начин фондови кои имаат за цел брз раст, но се одликуваат со повисока нестабилност, се составени од акции од брзорастечки  компании како инструмент. Такви би биле компании како Apple, Amazon, Netflix, Google, Facebook итн.
Од друга страна пак постојат и фондови кои што обезбедуваат постабилен принос, со низок ризик, и кои инвестираат во депозити на одредени банки или пак државни обврзници од различни држави.

Што е удел?

Клучен елемент кај отворените инвестициски фондови е уделот. Удел кај инвестициските фондови е исто како и акциите кај компаниите. Цената на уделот зависи од цената на инструментите во кои инвестирал фондот, и е предмет на постојано менување. Така на пример, доколку фондот инвестира во акции од компании од САД, секоја промена на цените на акциите води кон промена и на цената на уделот.
Според сумата која што инвеститор ќе ја уплати во фондот и вредноста на уделот во тој определен момент, зависи бројот на удели кои што тој ги добива.

Да претпоставиме дека Мартин инвестира 50.000 денари во фонд кој инвестира во акции на компании од САД, а цената на уделот во тој момент е 100 денари. Со тоа Мартин станува сопственик на 500 удели во фондот. Со секој удел тој е индиректен сопственик во секоја од компаниите во која што инвестирал менаџерот на фондот .
После 2 години цената на уделот пораснала на 111 денари.
Мартин може да се одлучи да ги продаде своите удели и да добие 55.500 денари или да ги остави своите удели да растат и понатаму.

Која е крајната цел на инвестициските фондови?

Една од главните предности кои што се карактеристични за овие фондови е можноста за распределување на парите на инвеститорите во многу инструменти наеднаш со што се намалува вкупниот ризик.
Сите знаеме дека не сите акции, депозити, обврзници постојано растат во нивната вредност. Додека на некои им расте вредноста, на останати може да им опаѓа.
Истото се случува и кај акциите во кои што менаџерот на фондот инвестирал. Добивката од едните се компензира со загубата на другите.
Тоа е нешто што ретко кој поединец може да си го дозволи доколку проба сам да го направи.

Но, најбитното нешто да се запамти, за кое што како доказ може да ни послужи целата историја на светските берзи,  е тоа што на долг рок секогаш добивките преовладуваат во однос на загубите.

За повеќе информации околу инвестициските фондови и нивните предности јавете се на бројот 023 100 535 или оставете ги Вашите контакт информации со цел да Ве побараме ние.